Синдикатите реагираат на најавите за намалување на платите, Владата уверува дека тоа нема да се случи

Владините препораки за намалување на расходите на буџетските корисници предизвикаа бурни реакции во јавноста. Синдикатите реагираат дека со тоа се кратат работничките права и дека не смее да се суспендираат колективните договори, додека од Владата уверуваат дека нема да има кратење на платите и на работничките права.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека консолидацијата на расходите во државните институции не значи намалување на платите, туку дека се работи за план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните.

– Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза, рече Ковачевски на вчерашната прес-конференција во Владата.

Ќе се ревидираат менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем ќе биде задолжена да ја дефинира новата форма.

Според Ковачевски, треба да се делува во насока на усогласување на платите затоа што постојат институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат претседателот на државата или министрите.