За власта извештајот на ЕК го препознава напредокот на државата, за опозицијата ја покажува негрижата на владата за спроведување на реформите

Власта и опозицијата вчера излегоа со различно толкување на Извештајот што Европската комисија го објави за земјава. Додека за власта Извештајот е позитивен и ја препознава одржливоста на реформите, опозицијата со критика дека документот ја покажува системската негрижа на Владата за спроведување на реформите во општеството.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ вчера на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, рече дека како земја која преговара за полноправно членство во Европската Унија и која е во процес на скрининг, Северна Македонија доби позитивен годишен Извештај на Европската комисија за 2022, прв по отворањето на преговорите во јули оваа година.

Маричиќ нагласи дека по направената анализа на Извештајот, го радува тоа што може да се каже оти земјата има одржливи реформи и препознаен напредок.

– На самиот почеток, Европската комисија го поздравува почетокот на преговарачкиот процес, што беше потврдено и од страна на комесарот Вархеји со изјавата дека „Одржувањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година е нова пресвртница во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ, бидејќи пристапните преговори започнаа“. Ова е признание за континуираната посветеност на Северна Македонија и постигнувањата во спроведувањето на реформите, особено во Кластерот „Фундаментални вредности“, каде се оценува дека напредокот во правосудството расте и се бара да продолжи трендот на независно и самостојно работење, истакна тој.

Маричиќ и европскиот амбасадор Гир ги анализираа дел од кластерите, а главен акцент беше ставен на работата на Собранието.

– Имаме јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. Се нагласува потребата Собранието да биде форум за конструктивен политички дијалог, особено за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работат на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени, додаде Маричиќ.