Во Музејот на македонската борба почнува фестивалот „Златна лира“

Фестивалот на камерна музика „Златна лира“ почнува вечер во Музејот на македонската борба со концерт на сопранот Биљана Јосифов, во пијано придружба на Иван Еминовиќ.

Овој фестивал традиционално секоја година во октомври го организира Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ).

Програмата на концертот е посветена на оперското творештво на Волфганг Амадеус Моцарт, а публиката ќе има можност во изведба на Јосифов и Еминовиќ да слушне арии од познатите опери „Свадбата на Фигаро“, „Така прават сите“, „Бастиен и Бастиена“, „Идоменео“ и „Дон Џовани“.

Биљана Јосифов дипломира и магистрира соло пеење на ФМУ во Скопје со посебна почест – cum laude (класа на проф. Славица Петровска – Галиќ)

Нејзината досегашна биографија ги вбројува следните улоги: Бастиена во операта „Бастиен и Бастиена“, Втора дама во „Волшебната флејта“ на Моцарт, Јованче во детската опера „Јованче и Марика“ на Хумпердинк, Антонија во „Хофманови приказни“ на Офенбах, Фиордилиџи во „Така прават сите“ на Моцарт, Жувено во „Адриана Лекуврер“ на Чилеа, Виолета во „Травијата“ и Чепрано во „Риголето“ на Верди, Розина во „Севилскиот бербер“ на Росини, Кристин во „Фантомот на операта“, Музето во „Боеми“ на Пучини, Неда во „Палјачи“ на Леонкавали и други. На сцена ги одигрува и улогите на Дона Ана во „Дон Џовани“, Рада во „Змејовата невеста“, Придружната дама во „Магбет“, Маргарита во „Фауст“. Во 2017 година ја изведува сопранската соло делница во Деветтата симфонија на Бетовен.