Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, одржаа прес-конференција по повод добиениот Извештајот на Европската Комисија, на која ги претставија оценките по кластери.
– Во делот на политички критериуми, Комисијата потврдува дека Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај сите предизвици со кои се соочуваме во оваа област, рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорот Гир ја потенцираа јасната критика за Собранието која се однесува на доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. Во однос на правосудниот систем, информираа дека Комисијата нотира посветеност на правосудните органи да го заштитат својот интегритет и независност, а во претстојниот период треба да се фокусираме на подготовката на новата стратегија за реформа на правосудниот сектор и спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси во судството и во обвинителството.
– Република Северна Македонија ги продолжува напорите за зајакнување на владеењето на правото како и дека земјата покажа решителност и определба да даде резултати во клучните сфери, рече евроамбасадорот Гир.
Вицепремиерот Маричиќ и евроамбасадорот Гир истакнаа дека е особено важно тоа што процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност.
– Забрзана динамика за вистински напредок и реформи кои ќе ја внесат земјата во ЕУ, на позитивен начин ќе ја трансформираат земјата во контекст на просперитет, на стабилност и на демократските принципи. Процесот на скрининг треба да оди паралелно со спроведувањето реформи, а овој процес не е само на владата туку на сите чинители и на обичните граѓани, порача евроамбасадорот Гир.
Во Извештајот на ЕК се нотира дека правосудните органи ја покажаа својата посветеност да го заштитат својот интегритет и независност, а Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ги спроведуваат стратешките планови. Она на што ќе треба да се фокусираме е подготовката на новата стратегија за реформа на правосудниот сектор и спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси во судството и во обвинителството, информираат од Секретаријат за европски прашања.
– За борбата против корупција, во Извештајот се оценува дека земјата продолжи да го консолидира досието за истраги, гонење и пресуди во неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво. Државната комисија за борба против корупција се оценува дека продолжи со проактивниот пристап во спречување на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и случаи против функционери на високо ниво, рече главниот преговарач со Европската Унија, додавајќи дека останува обврската за континуирано јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законите во борбата против корупцијата.