Левица се закани дека ќе гаси микрофони во Собранието

Ако треба, ќе блокираме со филибастеринг, долги говори, со илјадници амандмани и, ако треба да се скандализира Собранието, подготвени сме и физички да ги спречуваме пратениците да говорат преку гаснење на микрофоните, за „Слободен печат“ вели Јована Мојсоска, член на президиумот на Левица.

Ќе ги исполниме хировите на претседателот на Собранието Талат Џафери и во дадениот рок ќе ја коригираме иницијативата за референдум, порача Левица откако собранискиот спикер им ја врати иницијативата на доработка. Од партијата на Димитар Апасиев го предупредуваат Џафери дека со илјадници амандмани, филибастеринг и, ако се принудени, ќе го скандализираат Собранието и со физичка блокада целосно ќе ја блокираат работата на законодавниот дом ако тој им ја отфрли иницијативата.

Апасиев смета дека Џафери купува време со враќањето на иницијативата за референдум.

– Иницијативата не е одбиена. Ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Ако правилно читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил – силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта – ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние, впрочем, тоа и ќе го направиме – рече Апасиев.

Според него, не држи правното толкување на Џафери дека заклучокот бил став, а не бил акт и, според тоа, прашањето не било соодветно поставено.

– Тој го занемарува членот 24 од Законот за референдум и други одлуки на непосредно изјаснување на граѓаните, каде што вели дека дополнителен референдум каков што ние бараме може да се распише за други прашања за кои одлучувало Собранието. Токму такво прашање, значи не се бара акт, туку прашање е заклучокот, односно заклучоците што ние ги ставаме на референдум. Оттука, ова враќање на спикерот Џафери е само добивање време, односно купување време – смета Апасиев.

Од Левица повторуваат дека целосно ќе го блокираат Парламентот ако иницијативата биде одбиена. Јована Мојсоска, член на президиумот на партијата, за „Слободен печат“ вели дека нема да биде првпат да го блокираат Собранието и потсетува дека тоа веќе го сториле за Законот за државјанство кога поднеле 1.000 амандмани.

– Тогаш блокиравме околу 15 закони што уште не се донесени. И сега ако треба ќе блокираме преку филибастеринг, односно долги говори на комисиите, со илјадници амандмани и, ако треба да се скандализира Собранието, подготвени сме и физички да ги спречуваме пратениците да говорат преку гаснење на микрофоните. Наша цел е воопшто да не можат да се донесат законите. Ако треба да банализираме, ќе го преплавиме Собранието со иницијативи, како на пример осудени функционери за тероризам да не можат да бидат носители на јавни функции – вели Мојсовска.

За блокадата на Собранието Левица се надева на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.