Ковачевски: „Лидл“ интензивно работи за започнување со ефективна работа во земјава

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска остварија работна средба со претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир „Лидл“.

Целта на средбата беа планираните активности во делот на инвестициите и развојот на оваа компанија во земјава и поддршката од Владата и институциите за успешна реализација на овој проект.

На средбата премиерот изрази задоволство што „Лидл“ интензивно работи на подготовките за отпочнување ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица, а оваа бројка дополнително ќе расте.

Томаш Кузма, член на Одборот на компанијата одговорен за Западен Балкан, „Лидл Интернешнл“, објасни дека како странски инвеститор „Лидл“ високо ја цени соработката и поддршката што компанијата ја добива од Владата на Северна Македонија.

Рубријан Хаџиев, главен извршен директор на Лидл истакна дека премиерот Ковачевски и вицепремиерот Битиќи му обезбедиле на „Лидл“ работни групи во неколку министерства и единствена точка за контакт за да ја олеснат подготовката за можен влез на македонскиот пазар. Сметаат дека оваа соработка ќе продолжи и во сите други фази од проектот.

„Лидл“ веќе има идентификувано потенцијална локација за својот логистички центар, на земјиште кое е околу 200.000 м2 и се наоѓа во Општина Куманово.

Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања. Во оваа фаза на подготовка, „Лидл“ веќе истражува различни начини за поддршка на локалните производители.