Постои можност да започне нов бран на пандемијата на Ковид 19 во Европа бидејќи бројот на заболени се зголемува во целиот регион, соопштија од Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
„Иако не сме таму каде што бевме пред една година, јасно е дека пандемијата на Ковид 19 сè уште не е завршена. За жал, гледаме дека бројот на заболени повторно се зголемува во Европа, што укажува на тоа дека започна нов бран“ – се вели во заедничката изјава на директорите на СЗО – Ханс Клуге и на ECDC – Андреа Емон.
Податоците на СЗО од регионот покажуваат дека Европа регистрирала зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во неделата што заврши на 2 октомври за 8 проценти во однос на претходната недела.
Експертите од здравствениот сектор предупредуваат дека заморот од вакцинација и конфузијата за достапните вакцини најверојатно влијаеле на приемот на дополнителни дози во регионот.
СЗО и ЕЦДЦ посочуваат дека неколку милиони луѓе во Европа сè уште не се вакцинирани против Ковид 19.