Ќе го фати ли Уставниот суд последниот воз?

Судскиот совет најрано идната недела или кон почетокот на ноември ќе ја почне постапката за избор на нов уставен судија, откако вчера претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска и официјално ја известила претседателката на Советот Павлина Црвенковска, дека на 7 декември истекува мандатот на уставната судијка Вангелина Маркудова. По ова, можно е Судскиот совет да го избере новиот уставен судија од редот на судиите, пред Собранието да ги избере четворицата нови уставни судии и во декември Уставниот суд за влакно да избегне блокада и уставна криза.

Изборот на четворица уставни судии е заглавен во Собранието една и пол година и неизвесно е дали до 7 декември, кога истекува мандатот на судијката Маркудова, Судот ќе се комплетира и конечно ќе работи во полн состав од деветмина судии.

Кацарска во дописот го известува Судскиот совет дека на 7 декември, по истекот на мандатот на судијката, Уставниот суд ќе остане со четворица судии.

– Според ова, исполнети се условите за почнување постапка за утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд од редот на судиите. Без да навлегувам во надлежностите и начинот на работата на Судскиот совет, сакам да укажам на потребата од благовремено утврдување предлог за избор на нов судија. Во прилог на ова е и сегашната состојба во Судот, кој работи на граница на кворум поради неизбирањето на другите четворица судии од страна на Собранието, на што се чека веќе 17 месеци. Доколку до истекот на мандатот на судијката Маркудова продолжи алармантната состојба во Уставниот суд, државата ќе се најде во уставна криза – пишува Кацарска.

Таа додава дека во таков случај ќе нема услови за одржување седници и Судот ќе биде оневозможен да врши контрола на законите и прописите и да ги штити правата и слободите на граѓаните.

Во Собранието, и покрај најавата дека на координација кај претседателот Талат Џафери ќе се бара начин да се забрза изборот на судиите во Комисијата за избори и именувања, вчера за тоа не станало збор. Според собраниски извори, на координацијата, која траела кусо поради обврски на Џафери во Парламентот, за алармантната ситуација со Уставен суд вчера не се разговарало.

Не е првпат претседателката на Уставен преку писмо до јавноста да алармира дека Судот е во критична состојба и дека е на раб на кворум, бидејќи Собранието никако да ги избере новите судии. За ситуацијата, Кацарска во мај иницира средба со државниот врв, шефот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски. Епилог од средбата беше продолжување на работата на Комисијата за избори и именувања, но и по 13 продолженија никако да финализира изборот на четирите уставни судии. Собранието уште лани е известено дека во 2021 година им истече мандатот на Сали Мурати, Никола Ивановски и Елена Гошева, а годинава и на судијата Јован Јосифовски.

Комисијата досега даде поддршка за нови уставни судии на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелацискиот суд во Скопје, Фатмир Скендер. Во Комисијата заглавен е изборот на актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески. Изборот на новите уставни судии треба да поминат на пленарна седница, оттука неизвесно е дали ќе се исполнат роковите.