Зеленски до Г7 – Русија мора да биде целосно изолирана

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им порача на лидерите на Групата седум (Г7) дека мора да го блокираат енергетскиот сектор на Русија со санкции за да ги нарушат руските приходи од нафта и гас.

„Потребна е строга граница на цените за извозот на нафта и гас од Русија – нула профит за терористичката држава“, им рече денеска Зеленски на лидерите на САД, Канада, Германија, Велика Британија, Јапонија, Франција и Италија.

Експлозии го потресоа Киев, Зеленски ја обвини Русија за „тероризам“

Тој рече дека Русија од вчера започна нова фаза на ескалација со нејзините напади врз украинските градови и електроцентрали, па затоа се потребни нови санкции.

Зборувајќи на виртуелниот Самит со големите индустријализирани земји, Зеленски рече дека Г7 и „целиот наш демократски свет“ мора да одговори „симетрично“ на руските напади врз енергетскиот сектор и енергетската стабилност.

„Таквите чекори можат да нè доближат до мир – тие ќе ја натераат терористичката држава да размислува за мир, за неисплатливоста на војната“, рекол Зеленски, според извадок од неговиот говор објавен на неговата страница на Телеграм.

Украинскиот претседател, исто така, побара од земјите од Г7 да ѝ обезбедат на Украина противвоздушна одбрана, велејќи дека главната руска закана ќе биде запрена кога Украина ќе има способност да се одбрани од воздушни напади.

Зеленски, исто така, рече дека Г7 мора да признае дека не може да има дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, за кој рече дека верува само во терор и „нема иднина“.

Разговорите може да се одржат или со друг руски лидер – оној кој „ќе се усогласи со Повелбата на ОН, основните принципи на хуманоста и територијалниот интегритет на Украина“ – или со различна конфигурација на преговарачи „за клучниот терорист да нема можност преку терор да влијае на клучните одлуки“.
Едно лице го блокира мирот, рече Зеленски, а „тој човек е во Москва“.