Еден ден по разорните ракетни напади во Украина, утринава во Киев и во неколку други региони се огласија сирени за воздушен напад, објавија украинските медиуми, известувајќи дека Запорожје повторно е цел на руски ракетни напади.
Регионите во кои, покрај Киев, се огласија и сирените се Запорожје, Чернихив, Виница, Одеса, Суми и Днепар, јавуваат украинските медиуми, а пренесува Спутник.
Во меѓувреме, шефот на украинската регионална воена управа на Запорожје, Олександр Старух, напиша на Телеграм дека руските сили истрелале ракети врз регионалниот центар и „наменети инфраструктурни објекти“, пренесува Укринформ.
„Гардијан“ повикувајќи се на заменик министерот за надворешни работи на Украина, Емин Џепар, пренесува дека во текот на ноќта во Запорожје биле регистрирани 15 експлозии. Џепар рече дека Русија синоќа истрелала најмалку 15 ракети во Запорожје, насочени кон „образовни и медицински институции и станбени згради“.
Во Виница два камикази беспилотни летала Шахед-136 ја погодија термоелектраната Ладижин, изјави Серхиј Борзов, шеф на тамошната регионална воена управа.
Украинските служби за итни случаи соопштија дека во вчерашните масовни руски ракетни напади низ Украина загинале 19 лица, а 105 се ранети.