Георгиева од ММФ: Инфлацијата може да стане како „воз кој излегол од контрола“

Кристалина Георгиева – извршната директорка на ММФ и Дејвид Малпас – претседател на Светска банка предупредија за зголемениот ризик од глобална рецесија, при што инфлацијата останува постојан проблем по рускиот напад врз Украина.

„Постои ризик и реална опасност од глобална рецесија следната година“ – рече Малпас, пренесе Ројтерс.

Тој изјави дека економскиот развој ширум светот се соочува со криза, наведувајќи го во овој контекст забавувањето на растот во развиените економии и депрецијацијата на валутите во многу земји во развој.

Георгиева, пак, рече дека ММФ гледа „значаен проблем“ во Кина, втората по големина економија во светот, каде што нестабилноста на пазарот на домување го намалува економскиот раст.

Осврнувајќи се на порастот на потрошувачките цени во земјите низ светот, таа рече дека не можеме да дозволиме инфлацијата да се движи „како воз кој излегол од контрола“.