Џафери сè уште не ја примил референдумската иницијатива на Левица

Во моментот кога иницијативата официјално ќе биде примена, посочуваат од кабинетот на Џафери, преку соопштение ќе биде споделена информација за одговорот на претседателот на Собранието кон подносителот на иницијативата
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на 7 октомври до архивата на Собранието го достави барањето за спроведување задолжителен референдум на државно ниво, на кој граѓаните, доколку се одржи, треба да одлучат дали се „за“ или „против“ заклучоците за францускиот предлог што законодавниот дом ги усвои на 16 јули оваа година. Според него, со вака формулираното прашање е практично невозможно формално-правно да се одбие иницијативата

Претседателот на Собранието Талат Џафери сè уште не ја примил иницијативата за одржување на референдум којашто партијата Левица ја поднесе до Собранието пред три дена.

„До овој момент претседателот Џафери ја нема примено иницијативата за одржување референдум од политичката партија Левица“,
информираат од кабинетот на собранискиот спикер.

Во моментот кога иницијативата официјално ќе биде примена, додаваат оттаму, преку соопштение ќе биде споделена информација за одговорот на претседателот на Собранието кон подносителот на иницијативата.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на 7 октомври до архивата на Собранието го достави барањето за спроведување задолжителен референдум на државно ниво, на кој граѓаните, доколку се одржи, треба да одлучат дали се „за“ или „против“ заклучоците за францускиот предлог што законодавниот дом ги усвои на 16 јули оваа година. Иницијативата за референдум на Левица беше поднесена со 750 собрани потписи.

Според партискиот лидер Апасиев, со вака формулираното прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“, е практично невозможно формално-правно да се одбие иницијативата.