Ослободителна пресуда за битолчанецот кој го уби зетот во самоодбрана

Битолскиот суд донесе ослободителна пресуда за 62-годишниот битолчанец Тони Ѓоргиевски-Фердо кој беше обвинет за убисто на невенчаниот зет за ќерка, Стојанче Соколов (44), кога на 21 февруари годинава пукаше во него со пиштол откако овој со мачета насила упадна во куќата и им се закануваше.

„Пресудата ја донесе Основниот суд од Битола конечно по 8 месеци, ослободителна за мојот татко. Ова за нас е нов живот поминат низ пекол“, рече синот на Тони, Јове Ѓорѓиевски.

Ѓоргиевски беше осомничен за убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик како со умисла да го убил Соколов.

Во соопштението на Обвинителството стоеше дека зетот вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели и починал на лице место.

По ова Фердо беше притворен, а неговото семејство организираше протести за негова слобода.

На протестите се пожалија дека 20 години ја трпеле неговата тортура, дека ја малтретирал невенчаната сопруга, децата и останатите членови од семејството.