Германците масовно купуваат електрични греалки

Во Германија се бележи огромен пораст во продажбата на електрични греалки поради стравувањата дека нема да има доволно гас за да се греат домовите.

Германија се соочува со растечки цени на енергенсите откако Русија го прекина снабдувањето преку гасоводот Северен тек 1.

Од почетокот на годинава во Германија се продадени 958.000 електрични греалки, покажува истражувањето на Институтот за истражување на пазарот ГФК до кое дојде „ДВ“.

Продажбата на електрични греалки на германскиот пазар во споредба со истиот период минатата година е зголемена за дури 76%.

Интересно е дека во глобала продажбата е намалена за 5,1% ако се комбинираат податоците од пет европски земји (Германија, Велика Британија, Франција, Шпанија и Италија).

Тоа значи дека додека во некои европски земји се продаваат помалку електрични греалки од претходно, во Германија луѓето панично ги купуваат.

„Порастот во периодот од јануари до август 2022 се должи само на масовното зголемување на продажбата во Германија. Сите други пазари покажуваат негативен резултат споредено со истиот период лани“, велат од ГФК.

Потенцијална последица од користењето премногу електрични греалки може да биде блекаут, прекин на струјата, поради преоптовареност на мрежата.