Странските државјани што сакаат да студираат во Норвешка можеби ќе мора да плаќаат партиципација од наредната година, иако студирањето за домашните студенти е бесплатно. Новата уредба може да започне да се применува од наредната есен.
Станува збор за предлог на Министерството за образование на Норвешка. Моментално, студирањето во Норвешка е бесплатно за домашните и странските студенти. Меѓутоа, според министерот за образование Ола Бортен Мо, мора да се воведе партиципација за студентите кои се надвор од Европската Унија или шенген-зоната за универзитетите да ги покријат трошоците за овие студенти.
– Во поголемиот дел од случаите норвешките студенти треба да плаќаат партиципација за да студираат во странство. Нема причина зошто би требало да е различно тука. Норвешка и понатаму ќе биде отворена за студентите од сите земји, но мислиме дека е праведно и разумно тие да си плаќаат – изјавил министерот.
Тој посочил дека високото образование треба да остане бесплатно за норвешките студенти и оние што доаѓаат од земјите од Европската економска област и Швајцарија, како и студентите на размена.
Според министерот, доколку универзитетите наплаќаат партиципација за странски студенти, подобро ќе бидат подготвени да ги привлечат странските студенти поради квалитет и повеќе нема да привлекуваат студенти кои сакаат да студираат во Норвешка само затоа што е бесплатно. Освен тоа, со намалувањето на странските студенти ќе се ослободат места за домашните студенти, изјавил министерот.