Советот на Европа оцени дека турскиот предлог-закон за казнување на „дезинформациите“ кој моментално се разгледува во Анкара претставува кочница за слободата на изразување загарантирана со Европската конвенција за човекови права.
Во напишаното мислење објавено синоќа заедно со Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото, Венецијанската комисија наведува дека е „загрижена за можните последици“ од тој закон, особено од ризикот од „автоцензура“ пред претстојните избори во јуни 2023 година.
Советодавното тело задолжено за прашањата за владеење на правото во Советот на Европа ја препознава потребата за борба против кампањите за дезинформација, но оценува дека во правниот арсенал на Турција веќе има текстови поврзани со „поопасните аспекти на лажните или погрешни информации“ и дека не е неопходно да се донесе закон кој би можел да носи „можни произволни ограничувања на слободата на изразување“.
Предлог-законот предвидува казна затвор од три години за ширење погрешни информации и одземање на новинарската пропусница на новинарите кои ќе бидат прогласени за виновни за ова дело.
Според мислењето на Советот на Европа, се оценува дека турскиот предлог-закон на овој начин го прекршува членот 10 од Конвенцијата, кој ја гарантира слободата на изразување.
Мислењето ќе биде доставено на усвојување на наредната седница на Венецијанската комисија на 21 и 22 октомври.