Француското Министерство за надворешни работи ги повика денеска своите државјани и оние кои имаат двојни државјанства што е можно побрзо да го напуштат Иран, наведувајќи дека се изложени на ризик од произволни апсења.
„Секој француски државјанин, вклучително и оние со двојно државјанство, е изложен на висок ризик од апсење, произволно притворање и неправедно судење“, се вели во соопштението.
Франција вчера го обвини Иран за делување во стилот на „најлоши диктаторски режими“, откако двајца Французи се појавија на видео-снимка во која признаваат дека се припадници на француските разузнувачки служби.
Наводните признанија на Французите Сесил Колер и Жак Парис, кои беа уапсени во мај, доаѓаат за време на актуелните немири во Иран, кои Техеран ги поврзува со странските непријатели.