Реакцијата на Пленковиќ вчера и денеска доаѓа откако српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во Прага остана изненаден од новиот пакет санкции што ЕУ ги воведе кон Русија, а кои вклучуваат ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји.
По донесувањето на оваа одлука, Србија нема да може да увезува нафта од Русија преку ЈАНАФ, што значи дека санкциите воведени кон Москва се префрлени и на Србија.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека новиот, осми по ред пакет санкции против Русија го донела целата Европска Унија, а не само Хрватска, одговарајќи притоа на острите реакции на српските власти кои го обвинуваат Загреб дека инсистирал на санкциите со кои се Србија нема да може да увезува руска нафта.
„Да ги ставиме работите на маса онакви какви што се. Европската Унија ги донесе заедно, а не Хрватска, пакетот санкции против Русија. Србија не докажа дека има некаква енергетска закана, дека увозот на руска нафта во Србија е последната капка за да работи рафинеријата во Панчево, граѓаните на Србија да имаат бензин, дизел итн. Нема податоци, нема аргумент. Второ, оваа одлука не е одложена, туку стапува на сила за сите во декември. Не дојде Вучиќ и се избори за одложување. Ќе стапи на сила, таква каква што е, навреме“,
изјавил Пленковиќ во Прага на вториот ден од првиот самит на Европската политичка заедница, пренесува ХРТ. Тој повторно нагласил дека Србија преку Јадранскиот нафтовод може да увезува каква било нафта, освен руска.