Конфедерација на работодавачи за најавата на компаниите: Владата нема да дозволи околу 350 илјади вработени да останат на улица
„Сметам дека Министерството за труд и социјална политика и Владата нема да си дозволат околу 350 илјади вработени да останат на улица и да бидат социјална категорија на социјална помош. Тоа не може да си го дозволи државата, а сметам дека не може да си го дозволи ни самото стопанство бидејќи поголемиот дел од компаниите во Македонија се одржливи и на долг рок“, рече Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи коментирајќи ја најавата на Стопанските комори за отпутштање на вработени
Коментирајќи ја најавата на Стопанската комора дека ако компаниите не добијат поддршка од Владата ќе отпуштат од 30 до 50 отсто од вработените, Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи оцени дека е опасна претпоставката дека поради енергетската криза би биле отпуштени 350 илјади работници, а дека Владата нема да го дозволи тоа.
„Сметам дека Министерството за труд и социјална политика и Владата нема да си дозволат околу 350 илјади вработени да останат на улица и да бидат социјална категорија на социјална помош. Тоа не може да си го дозволи државата, а сметам дека не може да си го дозволи ни самото стопанство, бидејќи поголемиот дел од компаниите во Македонија се одржливи и на долг рок“, изјави Бошков, кој денеска присуствуваше на дебата на 6. „Текстилијада“ во Штип, во организација на „Гласен текстилец“.
Бошков нагласи дека со оглед на тоа што земјава влегува во третата деценија на слободна пазарна економија, одржливоста на компаниите е главниот фактор на економијата, а дека оние „детски болести од отвори-затвори на компании“, додаде тој, ќе станат минато.
„Слушаме од политичарите дека договараат нови начини, нови извори на енергија од каков било тип, меѓутоа, како конкретна мерка очекуваме дека пред се микро, малите, средните компании, занаетчиите да имаат можност да бидат тарифирани во тарифа која не влегува во тарифа за индустриска струја. Ние доставивме такво барање како една конкретна мерка, а исто така бараме и субвенционирање, олеснување или, пак, блок дотации во однос на електричната или која било енергија“, рече Бошков.
Претходно вчера кризниот штаб при Стопанската комора на Северна Македонија предупреди дека ако компаниите не добијат поддршка од Владата за надминување на последиците од енергетската криза, ќе следува намалување на бројот на вработени од 30 до 50 отсто.
Потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовеска нагласи дека состојбата е тешка и дека бизнисот очекува поддршка. Поддршката што ја очекува бизнисот, истакна таа, е врз база на пресметки во компаниите со цел да не дојде до редуцирање на производството и на кадарот.