Пред претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Домот на Армијата во Скопје беше презентирана состојбата со борбената подготвеност на Армијата на Република Северна Македонија во тековната година, кое е редовна обврска на началникот на Генералштабот кон врховниот командант.
На брифингот, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, генерал-мајор, Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетите на претседателот и Министерството за одбрана, беше претставена состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност.
На брифингот било истакнато залагањето и професионалното извршување на задачите на припадниците на Армијата, со кое биле реализирани сите планирани активности и задачи, како и подготвеноста за систенција на државните институции и помош на граѓаните.
Во освртот на годината што измина министерката Радмила Шекеринска потенцирала дека во 2021 година беше одбележана првата годишнина од членството во НАТО и дека Северна Македонија успешно го положи тестот од првата годишнина како членка на Алијансата.
Во заклучното излагање, претседателот и врховен командант Стево Пендаровски пред учесниците на брифингот го изразил своето задоволство од професионалноста, посветеноста и покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата во справувањето со пандемијата и пожарите низ земјата.
Пендаровски порачал дека инвестирањето во модернизирањето и опремувањето на Армијата мора да продолжи, бидејќи со јакнење на нашите одбранбени капацитети и потенцијали не добива само Армијата, туку повратно влијае и врз економскиот раст и повисокиот животен стандард на граѓаните.
-Независно што здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, државата е неопходно да остане посветена на вложувањата во одбраната и безбедноста, затоа што тие се основата за функционирање и на други општествени сектори, рекол претседателот Пендаровски.