Борци за човекови права од Украина, Русија и Белорусија добија Нобелова награда за мир

Годинешни добитници на Нобеловата награда за мир се борецот за човекови права Алес Бјалијацки од Белорусија, руската организација за човекови права „Меморијал“ и украинската организација за човекови права – Центар за граѓански слободи, соопшти комитетот во Осло.

Врвот на Нобеловата сезона, добитникот на наградата за мир, беше прогласен денеска во 11 часот, во заднина на инвазијата на Москва на Украина, која ја втурна Европа во една од најлошите кризи од Втората светска војна.

Норвешкиот Нобелов комитет ја чуваше листата на номинации во строго чувана тајна, но се знаеше дека вклучува 343 имиња вклучувајќи 251 поединец и 92 организации.

Пред прогласувањето на победниците експертите шпекулираа кој би можел да ја добие оваа година престижната награда, а главен фаворит кај обложувачнците беше украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Меѓу другите фаворити беа Светлана Тихановскаја од Белорусија, критичарот на Путин, Алексеј Навални, како и Меѓународниот суд на правдата со седиште во Хаг, Високата комисија на ОН за бегалци, како и Грета Тунберг, Дејвид Атенборо и други организации.