Без државна реакција и утрешната бугарска провокација со „Цар Борис Трети“

Најзападната точка на картата на Санстефанска Бугарија  е Охрид. Токму тука, во градот што Бугарите милуваат да го нарекуваат „Столица на Б`лгарија„, од времето на Цар Самоил, второто бугарско здружение во Македонија ќе го добие името на најконтроверзниот бугарски цар, Борис Трети. Револтот против овој потег, опозицијата ќе го изрази утре претпладне,во Охрид, а кон протестот инициран од Левица, ќе се приклучат и од ВМРО ДПМНЕ.

Од Левица се жалат на однесувањето на охридската полиција, за која тврдат дека, пред утрешниот протест, преку телефонски јавувања и други слични методи на притисок, пречекорувајќи ги своите овластувања го малтретира и вознемирува нивното раководство во Охрид. Тие веќе поднесоа и иницијатива до Основното јавно обвинителство, за забрана на здружението.

А токму Обвинителството, и според министерот за правда, е тоа што треба да реагира во ваквите случаи.Министерството нема ингеренции, а Советодавното тело за спорните имиња на здруженија и фондации кои користат историски личности, кое вчера се конституираше, уште не е почнато со работа. Сепак, и да почне, не може да делува ретроактивно, односно за здруженија кои се веќе формирани, туку само за идните провокации.Обвинителството во мај и во август отвори предмети за здруженија именувани по соработници на фашизмот, но тие се уште се во предистрага.

А кој е Цар Борис Трети? Тоа е царот кој пред Втората светска војна води прогерманска политика, се состанува и слика со Хитлер  и ја вклучува Бугарија кон Тројниот пакт.Во април 1941 та година им ја отстапува бугарската територија на Германците,кои преку Бугарија ќе извршат напад врз Кралството Југославија. За награда, добива голем дел од територијата на Македонија. Ги спасува бугарските Евреи од концентрационите логори, но затоа е директно одговорен за испраќањето на македонските Евреи во логорот Треблинка. Затоа и Еврејската заедница и Фондот на холокаустот соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“.