Норвешка очекува рекордни приходи од нафта и гас во 2023 година.

Норвешката влада очекува рекордни приходи од продажбата на нафта и гас следната година, речиси една петтина повеќе од оваа година и пет пати повеќе од 2021 година, благодарение на проценетото поголемо производство и скокот на цените.

Цените на бензинот во Европа оваа година се зголемија речиси тројно по намаленото снабдување од Русија, која беше санкционирана од западните земји поради инвазијата на Украина. Во однос на лани тие се десет пати повеќе.

Норвешка, најголемиот снабдувач на гас во Европа и најголемиот светски производител на нафта, очекува следната година да испумпува 4,3 милиони барели еквивалент нафта дневно, 200 илјади барели дневно повеќе од оваа година, што ќе и донесе голем профит поради скокот на цената .

Во нацрт-буџетот за следната година, норвешкото Министерство за финансии предвиде раст на приходите од нафта и гас до рекордни 1.380 милијарди круни (131 милијарди долари), од проценетите 1.170 милијарди круни оваа година и 288 милијарди круни во 2021 година.

Иако Осло тврди дека скокот на цените на бензинот не е во долгорочни интереси на Норвешка, тој ги отфрли повиците за ограничување на цените, тврдејќи дека тоа нема да и помогне на Европа да обезбеди повеќе енергија.

Во предлог-буџетот, Министерството за финансии најави и дека планира да ги намали трошоците од државниот пензиски фонд за буџетско финансирање во наредната година за да се ограничи инфлацијата.

„Иако економијата покажува знаци на забавување, инфлацијата е на највисоко ниво од 80-тите години на минатиот век. Затоа е неопходен штедлив буџет во кој се намалуваат трошоците од глобалниот пензиски фонд на владата“, соопшти Министерството во изјава.

Тие предложија следната година од фондот да се повлечат 316,8 милијарди круни, речиси 20 милијарди круни помалку од годинава.

„Ако сега потрошиме повеќе, тоа ќе предизвика нови проблеми бидејќи би можеле да ја зацементираме инфлацијата на толку високо ниво што централната банка ќе мора да ги зголеми каматните стапки повеќе и побрзо отколку што е потребно“, се додава.

Тие очекуваат инфлацијата да достигне 4,8 отсто оваа година и да ослаби на 2,8 отсто во 2023 година.

Бруто домашниот производ годинава треба да порасне за 2,9 отсто, кога е исклучен секторот нафта и гас. Во следната година, растот треба да се забави до 1,7 отсто и малку да се забрза повторно во 2024 година, со проценета стапка од два отсто.