Да не наседнеме на директната провокација на отворањето на „Цар Борис Трети“

Името на вториот бугарски “културен” клуб во Охрид “Цар Борис Трети” е кристално чиста, злонамерна провокација. Исто како и името на првиот клуб “Ванчо Михајлов”, напиша на својот Фејсбук профил Стојанче Ангелов пред утрешното отворање на бугарскиот центар во Охрид.

„Исто како и првиот, и вториот клуб “Цар Борис Трети” се отвора за да биде оштетен, запален или уништен со што би се продлабочила веќе загрижувачката нетрпеливост и омраза помеѓу Македонците и Бугарите. Кому тоа му одговара? Зошто тоа некому би му одговарало? Кој е реалниот инспиратор на овој валкан напад врз односите помеѓу Македонија и Бугарија, помеѓу Македонците и Бугарите и индиректно помеѓу Македонците и Албанците? Особено сега кога Македонија е на почетокот на преговорите со ЕУ” – прашува Ангелов.

„На отворањето на клубот ќе се “испосликаат” неколкуте домашни, од неодамна “освестени Бугари” со нивните гости од Бугарија и толку. Тешко дека по отворањето на клубот, некој друг ќе влезе во него. Затоа што во Македонија безмалку и да нема Бугари. Така велат резултатите од пописот (само 3.505 Бугари), така зборуваат и резултатите од гласањето на Бугарите од Македонија на парламентарните избори во Бугарија од пред неколку дена (650 гласачи)” – вели Ангелов.