Во Франција Комисијата за категоризација на филмови просечно годишно прегледува околу 600 филмови, го гледа секој филм дури и анимираните филмови, за да осигура дека нивната содржина нема да биде штетна по децата.
Секој филм кој ќе биде дистрибуиран во земјата без оглед дали е француски, американски или македонски мора да добие виза од Комисијата која е основа за авторизација од Министерството за култура за негово киноприкажување, вели во разговор за МИА Ив Гунен советник за меѓународни односи во Државниот совет на Франција и поранешен претседател на ова тело.
Запрашан какво е искуството на француската кинематографија, со цензурата во филмот, Гунен вели дека кинематографијата е уметност, но, исто така може да биде и инструмент на власта.
– Од создавањето на кинематографијата кон крајот на 19. век, властите секогаш гледале со сомнеж кон филмот, гледале во него алатка, но и се послужувале со таа алатка. Сомнежот во филмот дека би можел да има и отровно дејство, придонел за примена на цензурата. Од тие причини кон крајот на Првата светска војна создадена е таа прва Комисија за цензура, со цел војниците кои се враќале од фронт да не добијат впечаток дека додека тие биле на фронтот и се бореле, животот нормално си течел, појаснува Гунен.
Запрашан во однос на употребата на филмот во пропагандни цели, што особено било изразено во одредени историски периоди и дали денес може да зборуваме за манипулативна употреба на филмот за промовирање на одредени националистички наративи, тој се согласува со фактот дека филмот може да биде искористен и во пропагандни цели. Ние, вели, ги знаеме филмовите на Лени Рифенштал, која на некој начин го овековечи фашизмот или филмовите на Ајзенштајн кои не толку го величат комунизмот, туку идејата за вечна Русија. Но, кога станува збор за цензурата, подвлекува дека може да се каже дека таа денес во Западна Европа веќе не постои.