Интерес за фотоволтаици, но и бројни процедури – на потег институциите

Државата во секое време треба да има на располагање парцели за продажба за поставување фотоволтаци на земја. Ова е само една препорака од стопанственици со искуство во областа. За конкретни резултати за што повеќе струја од обновливи извори на енергија во услови на енергетска криза се бара соработка на државата со стопанствениците за кратење на процедурите, бидејќи, како што потенцираат, има интерес и начини за финансирање. Еден од најавените чекори во таа насока се измените на Законот за градање што се во собраниска процедура, а со кои, според надлежните, се поедноставуваат процедурите за поставување фотоволтаици.

Со законските измени се предвидува фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до шест киловати и од сите субјекти потрошувачи – производители до 40 киловати. На колективните згради со етажна сопственост вакви електроцентрали можат да бидат поставени од заедницата на сопственици, односно Совет на станари единствено за заедничките простории.

Клучно со измените е дека на граѓаните и на фирмите нема да им биде потребно одобрение или решение од општината за поставување фотонапонски централи како што беше досега. Инвеститорите на електроцентралата, како што најави ресорниот министер Благој Бочварски, се должни само да ја известат единицата на локалната самоуправа за поставување на електронапонска централа и да ги достават документите: Извод од Централен регистар доколку инвеститорот е правно лице, што значи за фирмите или компаниите или копија од лична карта доколку инвеститорот е физичко лице за куќа или домаќинство, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонска електроцентрала или доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот се доставува договор склучен со сопственикот на објектот или писмена согласност од сопственикот.

Исто така, потребен е основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала или доколку е во колективна станбена зграда писмена согласност за поставување на фотонапонска електроцентрала од мнозинството од сопствениците на посебни делови на објектот кои претставуваат повеќе од половина од вкупната површина на објектот.

Основниот проект треба да содржи општ дел и проектен дел кој се состои од архитектонски проект за електрична инсталација и опрема. Градбите се поставуваат од страна на изведувач со лиценца, се ставаат во употреба врз основа на изјава дадена под кривична и материјална одговорност од страна на изведувачот дека е поставена согласно основниот проект, каде што максималната инсталирана моќност на електроцентралата не надминува 40 киловати за правните лица, односно шест киловати за домаќинствата. Фотонапонската електроцентрала е приклучена на електроенергетската инфраструктура, односно приклучокот на ЕВН. Инвеститорот е должен после оваа процедура примерокот од изјавата на изведувачот да го достави до единицата на локалната самоуправа и до Агенцијата за енергетика.

– Со оваа измена во Законот за градење за ваков тип мали централи кои се поставуваат од потрошувачи, производители, се поедноставени административните процедури и ќе нема ограничување на капацитетот на електроцентралите кои се поставуваат на објекти со добивање на решение во општината, а досега максималниот капацитет беше до еден мегават, најави министерот Бочварски.

Предлог законот веќе доби поддршка од матичната Комисија за транспорт и врски, како и од Законодавно-правната комисија. Во тек на амандманската расправа Предлогот не претрпе промени во предвидената постапка за поставување фотоволтаици и се очекува да биде изгласан на пленарна седница.

До Министерството за економија досега се пристигнати барања за субвенционирање трошоци за поставени фотонапонски панели од преку 10 домаќинства со инсталирана моќност од околу 30 киловати. Тие ќе можат да аплицираат за средствата по објавата на Огласот за субвенциниорање, што според најавите од ресорното Министерство, треба да се случи до крај на годината, откако ќе се изгласаат измените на Законот за градење со кои се најавени поедноставени процедури за поставување фотоволтаични електрани на покривите на домаќинствата и стопанските објекти.

Со последните измени на Правилникот за обновливи извори на енергија се овозможи потрошувач-производител да постави производна постројка со поголема инсталирана моќност со цел целосно да ја задоволи својата потрошувачка и воедно да пласира поголема количина во мрежата. Со тоа, како што објаснуваат од Министерството за економија за МИА, за одредени категории субјекти целиот концепт станува поатрактивен, односно инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 6 киловати, за домаќинствата и инсталираната моќност на постројката да не е поголема од 40 киловати, за мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник.