Конфликтот во Украина го наруши транспортот на жито и вештачко ѓубриво и ја предизвика најтешката криза со храна од глобалната финансиска криза во 2007 и 2008 година, при што околу 345 милиони луѓе се соочуваат со недостиг опасен по живот, соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Новната истражувачка анализа проценува дека 48-те земји кои се изложени на најголем ризик од недостиг на храна се соочуваат со комбинирано зголемување на увозните трошоци од 9 милијарди долари во 2022 и 2023 година поради ненадејното зголемување на цените на храната и вештачките ѓубрива откако Русија ја започна специјалната воена операција.
Ова ќе ги исцрпи резервите на многу населени земји и оние кои се погодени од конфликти, бидејќи тие веќе имаат финансиски проблеми поради пандемијата и зголемените цени на енергијата, според ММФ.
– Само во оваа година проценуваме дека на високо изложените земји им требаат седум милијарди долари за да им пружат помош на најсиромашните домаќинства – објавија директорката на ММФ Кристалина Георгиева и нејзините колеги.
Тие велат дека конфликтот ја влошил кризата со храна која расте од 2018 година, делумно поради интензивирањето на зачестеноста и јачината на климатските шокови и регионалните конфликти.
ММФ повика на брзо зголемување на хуманитарната помош преку Светската програма за храна и други организации, како и преку насочени фискални мерки во погодените земји за помош на сиромашните.
Во документот се забележува дека приоритет за владите треба да биде борбата против инфлацијата.