Најпознатиот спортски настан во Македонија, Визер скопски маратон, ќе се оддржи на 2.10.2022 (недела) со препознатливите трки како носители на најголемата и традиционална спортска манифестација, којашто сите љубители на трчањето од земјата и пошироко со нетрпение ја очекуваат секоја година.
Трките кои секоја година се дел од најомилениот спортски настан во државата – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон, – „ЕУ за спортот“ и трката на 5км ќе почнат точно во 8:00 часот.
Директорот на Визер скопски маратон, Кире Синадиновски, на денешната прес-конференција најави дека се менува дел од патеката по која се трчаше изминативе години. Новата патека е измерена од меѓународен лиценциран мерач и се здоби со А сертификат од АИМС и Светската атлетска федерација. Целта е плоштадот „Македонија“ со кој се враќа традиционалниот финиш на патеката по што беше препознатлив маратонот.
Учесниците на трката на 5 км ќе тргнат од „Рекорд“ и трчаат во правец на Аеродром, додека тркачите на маратон, полумаратон и штафетниот маратон ќе стартуваат од старата Градска болница „Св. Наум Охридски“ во правец на плоштад и продолжуваат преку ул. „Теодосиј Гологанов“ кон Хром.
„Огромна чест ми е што сум сведок и дел од големиот тим кој е заслужен за организација и на годинешното 18. издание на најпознатата атлетска манифестација во Македонија, Визер скопски маратон. Оваа година на сите четири трки – маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – „ЕУ за спортот“ и трката на 5 км, – ќе трчаат над 8.500 учесници. Маратонот како и секоја година, така и оваа ќе биде домаќин на квалитетни натпреварувачи. Пријавени се натпреварувачи од над 47 земји од целиот свет, со што покажуваме дека овој спортски настан е веќе препознатлив на светско ниво. На сите тркачи им посакувам лесни нозе и да ги соборат своите најдобри времиња“, изјави Синадиновски.
Директорот на Визер скопски маратон изрази огромна благодарност до организаторите на маратонот – Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски клуб „Работнички“, Министерство за внатрешни работи (МВР) како партнер на маратонот, како и до покровителите на маратонот – Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија, Агенцијата за млади и спорт, како и до сите волонтери кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодишното издание.