Скапата струја му става катанец на големиот бизнис?
Скапата струја почнува да го затвора големиот бизнис. Поради кризата загрозени скоро сите комбинати кои набавуваат струја на слободниот пазар. Компанијата „Еуроникел Индустри“, која управува со фабриката за преработка на никел во Кавадарци (ФЕНИ), веќе ја угаси печката и голем дел од вработените се пратени на принуден одмор.
Вработените во „Еуроникел Индустри“ официјално пред еден месец биле испратени на принуден одмор до 15 декември и дотогаш ќе добиваат 70 отсто од платата, според Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).
Поради високата цена на струјата, од почетокот на месецов и рудникот за бакар „Боров Дол“, поранешен Бучим од Радовиш, е во застој каде исто така работниците се пратени на принуден одмор со 70 отсто од платите.
Работата во компанијата Mакстил (Железарница Скопје) засега не е запрена, но за месец август платила огромна сметка за струја. Во слична ситуација се наоѓа компанијата „Либерти Скопје“ која произведува челични производи во скопска железара, вели претседателот на СИЕР Игор Ѓерасов. Рудникот САСА е во подобра состојба, вели тој, бидејќи навреме обезбедил струја до 2023 година по стара цена и може да работи непрекинато.
„Сите (други) комбинати каде што сме синдикално застапени се загрозени, меѓутоа до овој момент не најавуваат затворања на погони или отпуштања на работници и засега можат да го издржат ова темпо на зголемување на струјата, но не знаеме до кога ќе биде така“, вели Ѓерасов.
Тој предупредува дека од големата индустрија доаѓаат најмногу пари за државата и доколку запрат со работа, тоа ќе биде погубно за македонската економија.
Но, каков вид на помош треба да добијат големите компании во услови на тешка енергетска криза засега се уште е неизвесно. Дел економски експерти велат дека ќе биде тешко да се најде вистинското решение.
Универзитетскиот Професор Трајко Славески, кој е преседател на Совет на град Скопје од редовите на ВМРО ДПМНЕ вели дека во ситуација кога од сите страни доаѓаат повици до Владата за поддршка на претпријатијата и на граѓаните, треба да се одбере најмалото зло.
„Состојбата е прилично сложена и треба, како одејќи по жица, да се бара најмалото зло во ваква ситуација“, вели Славески во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитување в недела.
Во моментов во големите компании кои се загрозени вработени се од 2.500 до 3.000 луѓе: во „Еуроникел Индустри“ (ФЕНИ), во Боров Дол (Бучим) околу 700, Макстил околу 550 и Ладна валавница („Либерти Скопје“) околу 450 вработени.
Од СИЕР велат дека следната среда имаат закажано социјално-економски совет во Владата, каде ќе ја разгледуваат моменталната ситуација во комбинатите и можностите на Владата да помогне да не дојде до целосно запирање на процесот во овие компании.