„Македонија – Бојкотира“ вечерва пред републичкото Собрание одржа протест со кој ја одбележа четиригодишнината од, како што велат, големата реферндумска победа на 30 септември 2018 година.
Пред околу 200 насобрани граѓани, кои беа наметнати со знамиња со шеснаесеткрако сонце и кои извикуваа Македонија, се обрати Драган Угриновски, претседател на МПЗ „Тврдокорни“, кој го прочита меморандумот за стратешка соработка прифатен и потпишан во август 2018 година од 84 македонски организации од земјата и странство.
Потоа се прикажа документарен филм за бојкотот на референдумот, а се извикуваа пароли и против Германија, Франција, САД, Европската Унија.
На референдумот со прашање „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот за името меѓу Македонија и Грција”, што се одржа на 30 септември 2018 година, два ипол месеци по потпишувањето на договорот во Преспа, излегоа само 36,9 отсто од регистрирсните гласачи, и Државната изборна комисија го прогласи за неуспешен.
Опозицијата го бојкотираше референдумот, а повеќе помали партии и движења водеа кампањи за бојкот.