Во посебна изјава по објавувањето на новите американски санкции против Русија, американскиот претседател Џо Бајден ја осуди „измамата“ или обидот на Русија да анектира суверена украинска територија.
„Не правете грешка: овие акции немаат легитимитет. Соединетите Држави секогаш ќе ги почитуваат меѓународно признаените граници на Украина. Новите санкции на Америка ќе наметнат трошоци за поединци и субјекти кои обезбедуваат политичка или економска поддршка на незаконските обиди за промена на статусот на украинската територија“, изјави Бајден.
„Ги повикувам сите членови на меѓународната заедница да ги отфрлат обидите за нелегална анексија на Русија и да стојат покрај народот на Украина се додека е потребно“, рече тој.
САД воведоа нова рунда санкции поврзани со Русија врз стотици поединци и компании откако Владимир Путин потпиша договор за припојување на окупираните региони на Украина кон Русија. Повеќе од 1.000 луѓе и компании поврзани со руската инвазија на Украина се вклучени во новиот пакет санкции, вклучително и гувернерот на Централната банка и семејствата на членовите на Советот за национална безбедност.
Американското Министерство за финансии именуваше стотици членови на рускиот законодавен дом, раководители на финансиската и воената инфраструктура на земјата и добавувачи за санкции. Секретарот за финансии Џенет Јелен рече: „Нема да стоиме настрана додека Путин со измама се обидува да анектира делови од Украина“.
Министерството за финансии и американската влада денеска преземаат опсежни активности за дополнително да го ослабат веќе деградираниот воено индустриски комплекс на Русија и да ја поткопаат нејзината способност да ја води својата нелегална војна.