Жестоко во Бугарија пред изборите: Глас се купува за 100-200 лева, најмногу пријави за ГЕРБ

Се нудат од 100 до 200 лева за глас на претстојните парламентарни избори во Бугарија в недела, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи (МВР). Најголем број пријави се за понуди од ГЕРБ и ДПС.

До министерството изминативе денови стигнале 250 пријави за купување гласови, а обвинителството не прифатило 180 барања за истрага, пренесува бугарскиот новински сајт mediapool.bg.

Како што објасни главниот секретар на МВР, Петар Тодоров, досега во пресрет на најновите парламентарни избори, генерално се извршени речиси 100 операции против трговијата со гласови и биле утврдени над 550 подинечни кривични дела.

Честопати трговијата со гласови се одвива во отпади за метал, во заложни куќи и во угостителски објекти, а директен „играч“ се криминални групи кои се вклучени и во други криминални активности.

Според техничкиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, цените на гласовите полека растат и веќе се даваат до 100 лева на човек, но има податоци дека на некои места сумата се удвојува, а тоа се должи на очекувањето за ниска излезност в недела, пренесува mediapool.bg.

Во интервјуто за овој бугарски новински сајт, Демерџиев појаснува и дека осомничени за трговија со гласови влегуваат во партиските изборни листи за да добијат имунитет и МВР да не може да ги подложи на истрага. Најголем број од пријавите за обиди за купување гласови биле за партиите „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ), партијата на поранешниот долгогодишен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, и за „Движење за права и слободи“ (ДПС), долгогодишен коалициски партнер на ГЕРБ во владите.

Инаку, според анкета на „Галуп“ изработена за Бугарското национално радио (БНР), в недела се очекува ниска излезност, околу 39 отсто од регистрираните гласачи, и иако е многу тешко да се прогнозира сега, најголем дел од анкетираните се определиле за ГЕРБ, помалку за „Продолжуваме со промената“ (ПП), која беше главен коалициски партнер во претходната политичка влада (сега со Бугарија управува техничка влада, назначена од претседателот на Бугарија, Румен Радев), а на трето место е ДПС.

Од 1.009 полнолетни граѓани на Бугарија, анкетирани лице в лице, во периодот од 20 до 27 септември годинава, најголем дел се решиле за коалицијата ГЕРБ-СДСМ, односно 25,8 отсто. ПП би добила 16,6 отсто, а за третото место „се борат“ ДПС и проруската „В’зраждане“ (Препород), со 13,2 отсто и 12,8 отсто доверба.

Бугарската социјалистичка партија (БСП), пак, би добила 9,2 отсто од гласовите доколку изборите се одржаа во последната декада на септември, пишува БНР, а „Демократска Бугарија“, коалициски партнер во последната политичка влада има 7,8 отсто од довербата.

„Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, пак, која постојано притискаше за тврда политика кон Северна Македонија и која учествуваше во последната политичка влада, а потоа излезе од неа и беше факторот што помогна кабинетот на Кирил Петков да добие недоверба, има 4,2 отсто поддршка, односно толку гласови би добила ако изборите се одржеа заклучно со денеска.

ВМРО на Красимир Каракачанов, како и на последните парламентарни избори, и в недела не може да очекува да влеза во парламентот на Бугарија, оти има само 1,2 отсто поддршка од гласачите.

Според анкетата на „Галуп“ за БНР, в недела се очекува на гласачките места да излезат околу или под 2,6 милиони гласачи запишани во избирачкиот список, што е околу 39 отсто.