Киев поднесе барање за забрзан пристап во НАТО

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Украина официјално аплицирала за забрзана процедура за прием во НАТО, пренесува Ројтерс.

„Преземаме решителен чекор со потпишувањето на барањето за забрзан пристап во НАТО“, порача Зеленски на каналот Телеграм.

Тој рече дека Украина е подготвена за преговори со Москва, но не со Владимир Путин, туку со друг претседател. Украинскиот премиер Денис Шмихал потврди дека тој, претседателот Володимир Зеленски и претседателот на парламентот потпишале формално барање за забрзано членство во НАТО, пренесе Ројтерс.

Советот за национална безбедност на Украина одржа состанок за да ги разгледа мерките во врска со пристапувањето на четири украински региони кон Русија, пренесува Ројтерс.

„Се разговараше за мерките што мора да се преземат за да се обезбеди колективна безбедност на евроатлантската област и Украина“, се наведува на веб-страницата на претседателот на Украина.

Како што се наведува, таквите мерки треба да вклучуваат спроведување на стратегијата на нуклеарно одвраќање на Русија од страна на украинските сојузници.