Муса Џафери за „Слободен печат“: Ако Груби не си даде оставка или Ахмети не го смени, војната во ДУИ ќе ескалира

Поранешниот вицепремиер и едно од најзвучните имиња на „огнената група“, Муса Џафери денеска во изјава за „Слободен печат“ порачува дека доколку првиот вицепремиер, Артан Груби и уште неколку министри не си поднесат оставки или не бидат сменети од лидерот на партијата, Али Ахмети, „политичката војна во ДУИ ќе ескалира“.

„Артан Груби барем малку ако го слуша незадоволството во партијата од него, самиот треба да се повлече од функциите прв вицепремиер и министер за политички систем. Освен него, оставки од функциите треба да поднесат и други министри или Ахмети да ги смени. Во спротивно ќе има политичка војна во ДУИ. Ако Ахмети мисли дека ова може да се развлече преку средби со ограноци и да трае со месеци, ако мисли дека може да не надмудри тогаш е во грешка бидејќи така нема да се решат проблемите. Не може политичките проблеми и барања во партијата да се решаваат со средби со членови од ограноците“, вели Џафери.

И додека Муса Џафери се заканува со политичка војна во ДУИ, актуелниот прв вицепремиер Артан Груби денеска во изјава за медиумите децидно тврди дека во партијата нема никаков раскол и дека сите се построени зад лидерот Али Ахмети.

„Огнената група“ од ДУИ која неодамна излезе со отворено писмо револтирана од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата, вчера беше на средба со партискиот лидер Ахмети во седиштето на интегративците во Мала Речица.

На два оддели состаноци беа ограноците од Сарај и Чаир, предводени од градоначалниците на овие општини, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и пратеникот од Чаир Изет Меџити. И едниот и другиот објавија фотографии со Ахмети нарекувајќи го „претседател и пријател“, но и порачаа цврсто стојат на ставот против извршната власт.

На средбата со огранокот од Сарај бил и пратеникот Арбен Зибери, кој доаѓа од оваа Општина, но не беше потпишан на писмото што излезе минатиот викенд. Во изјава за медиумите тој рече дека на состанокот владеела релативно позитивна атмосфера и отворено се разговараше за сите работи внатре во партијата. Исто така, порача дека ДУИ и овој пат ќе излезе многу посилна и пообединета.