Украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон стануваат дел од Русија, потпиша денеска рускиот претседател Владимир Путин. Кремљ соопшти дека нападите на овие територии ќе ги смета за агресија против Русија. ЕУ соопшти дека за нив окупираните региони остануваат дел од Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин и шефовите на четири украински региони назначени од Москва ги потпишаа таканаречените договори за пристапување, со што овие региони стануваат дел од Русија, спротивно на меѓународното право.
По говорот во Салата на Свети Ѓорѓи во Кремљ, на Путин му се придружија челниците кои Москва ги назначи во Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон и ги потпишаа договорите за анексија.
фицијалната церемонија на потпишување беше проследена со аплауз од стотина челници од Кремљ, кои присуствуваа на настанот, извикувајќи „Русија, Русија“.
Пред потпишувањето, Путин одржа говор во кој рече дека луѓето направиле „избор на референдумите“.
„Тоа е волјата на милиони луѓе“, рече тој.
Церемонија доаѓа три дена по завршувањето на референдумите оркестрирани од Кремљ за приклучување кон Русија, кои беа отфрлени од Киев и од Западот како сурова кражба на земја, одржани под закана со оружје и засновани на лаги.
Ова е сериозна ескалација по седуммесечните судири во Украина.
Четирите региони – Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје се делумно окупирани од Русија.
„Русија има четири нови региони“, рече рускиот претседател.
Тој рече дека сака сите во Киев и на Западот да слушнат дека оние кои живеат во регионот Донбас засекогаш ќе станат руски граѓани.
„Луѓето кои живеат во Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје стануваат наши сонародници засекогаш“, рече тој.
„Тие избраа и Русија нема да ги предаде. Ќе ја браниме нашата земја со сите средства што ги поседуваме. Ова е голема ослободителна мисија на нашата нација“, рече Путин.