Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска изјави дека во Брисел ги „лаже луѓето од Европа“ кога рече дека санкциите против Москва нема да се прошират на енергетскиот сектор и дека тие ќе доведат до брз крај на војната во Украина, јавува МТИ.
Големите акционери на енергетските компании, „почнувајќи од финансиерот Џорџ Сорос, остваруваат милијарди дополнителни профити“ благодарение на порастот на цените на енергијата поврзани со санкциите, изјави унгарскиот премиер за националното радио.
Граѓаните во Европа во моментов плаќаат високи цени за енергија поради санкциите, што ја прави иднината нестабилна, рече Орбан.
Тој истакна дека војната во Украина продолжува, без надеж дека брзо ќе заврши.
Според неговото мислење, цените на енергијата се водени од политички мотивирани одлуки во Брисел, а не од економски причини.
Без санкции, цените на енергијата би биле исти како во април, кога се очекуваше да се стабилизираат на околу 100 долари, рече Орбан.
На самитот во Версај, земјите од ЕУ се согласија „со раководството на Германија и Унгарија“ да не ги прошируваат санкциите на енергетскиот сектор, рече тој, истакнувајќи дека Унгарија ќе беше во многу полоша ситуација доколку владата не се бореше за ослободување од санкции против Русија.
Тој изјави и дека е неизвесно дали ситуацијата уште повеќе ќе се влоши со оглед на тоа што ЕУ сака да воведе нови санкции за Русија.