За местото на Миликије, инспектор за истраги, се барал кандидат со средно или вишо и без работно искуство

Поранешната градоначалничка на Арачиново од редовите на СДСМ, Миликије Халими која, како што објави „Фокус“, се вработи во Царинската управа ќе работи како инспектор за истраги во Служба за борба против економски криминал во Одделение за истраги во Сектор за контрола и истраги при Царинска управа.

Според она што е објавено на веб страницата на Царинската управа, овој Сектор врши работи кои се однесуваат на спроведување мерки и активности за откривање и криминалистичко истражување на кривични дела, фаќање и пријавување на нивните сторители и обезбедување на докази како дел од правосудната полиција.

-Секторот за контрола и истраги врши дополнителна контрола на трговски друштва и трговци – поединци преку проверка на постоење, веродостојност и точност на документите, преглед на деловни книги и други евиденции, преглед на стока, земање на мостри и спроведување на службени постапки и други слични дејствија во поглед на запазување на царинските прописи…, се вели во дел од описот на овој Сектор,

Миликије,  како што ни одговорија од Царинската управа е вработена со средно образование, а според нејзината биографијата има завршено медицинско училиште, а потоа Педагошки факултет. На огласот кој бил објавен за ова работно место, Царинската управа барала токму некој со завршено средно или вишо образование и без работно искуство.

-Посебни услови за работно место: Инспектор

– ниво на квалификации: најмалку вишо или средно образование,

– активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски, германски);

– без работно искуство, се бара во огласот.

Миликије до пред една година ја водеше општина Арачиново и беше кандидат на СДСМ. Дека се вработила во Царинската управа таа самата објави на социјалните мрежи. „Фокус“ се обиде да стапи во контакт со нејзе, но таа не одговори на нашите прашања. Таа е вработена на определено време и треба да почне со работа од 1 октомври, односно сабота.