ДУИ влезе, Алијанса излезе – заменичката на Арсовска си поднесе оставка

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ги именуваше новите директори на јавните претпријатија, по разрешувањата и оставките на досегашните кадри од ВМРО-ДПМНЕ. На изненадување на јавноста, две директорски места ѝ припаднаа на ДУИ – Саид Саиди стана директор на ЈП „Паркови и зеленило“, а Зухејр Реџепи – на ЈП „Паркови и зеленило“.

Ваквиот чин се толкува како директна соработка меѓу градоначалничката Арсовска и двајцата градоначалници на Чаир и на Сарај. Саиди е член на огранокот на ДУИ во Чаир, а Реџепи, кој, инаку, му е син на поранешниот претседател на Исламската верска заедница во Македонија, Сулејман Реџепи, е од огранокот на ДУИ во Сарај. Станува збор за кадри блиски до крилото на Изет Меџити и на Блерим Беџети или на таканаречената огнена група, која минатата недела, со отворено писмо, побара смена на Артан Груби. Во Советот на Скопје ДУИ има петмина советници.

Влегувањето кадри на ДУИ на раководните позиции во Град Скопје предизвика заменик-градоначалничката Бујаре Абази, кадар на Алијанса на Албанците, да поднесе оставка од функцијата. Таа образложи дека од своето формирање, Алијанса на Албанците континуирано демонстрира принципиелна и транспарентна политика.

– На последните локални избори во Град Скопје, ветивме дека ќе ги тргнеме од власт оние што наштетија, ограбуваа и им го влошија животот на скопјани, но актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните – нагласи Абази, осврнувајќи се на новите функции што ги добија членовите на ДУИ.

Од Град Скопје жалат што Абази одлучила партијата да ја стави пред интересот на градот и скопјани, но тоа е нејзина одлука.

– Бујаре Абази не беше партиско решение и на функцијата заменик беше назначена како личност која треба да ги застапува интересите на граѓаните. Департизацијата во институциите мора да биде постулат врз кој ќе се градат професионални јавни институции, а секој кој партиските интереси ги става над јавниот интерес, јасно е дека не може да функционира во насока на соодветно застапување на скопјани – соопштија од градот.