Ковачки и Ковачевски си разменија вербален оган: Дезертер, кодош, лажго, криминалец ечеа од собраниската говорница и од двете страни

Расправата потоа ја продолжи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој го праша премиерот дали ќе ги прифати предлозите на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски и неговите контакти за набавка на енергенси по пониски цени. Стојаноски истакна дека ако Ковачевски одбие тогаш тоа ќе значи дека понудената помош од опозицијата се одбива од една страна затоа што доаѓа од нив, а од друга страна за да можат функционери на власта да склучуваат договори во четири очи за набавка на енергенси
„Кај мене во кабинет нема архива за понуди, кај мене нема состаноци за понуди со компании. Има отворена постапка за јаглен, мазут и за гас и секој оној што има понуда за овие енергенси кои се бараат веднаш може да ја достави. Не може јас да бидам тој кај кого ќе доаѓаат контакти, па јас да одам со контактите“, рече Ковачевски

Дезертер, лажго, деловно неспособен, марионета, крадец, кодош, криминалец, неработник, насилник беа дел од обвинувањата и навредите што еден кон друг си ги упатија пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки и премиерот Димитар Ковачевски со кои ја вжештија атмосферата на денешната седница на Собранието на која на дневен ред се пратенички прашања.

Како што веќе беше извесно, главна тема на седницата е актуелната топлинска и енергетска криза и набавката на енергенси и електрична енергија, но она што ја предизвика бурната атмосфера на почетокот беа прашањата на Ковачки до премиерот за тоа дали намерно ги лажирал податоците за во 2001 година да избегне служење на воениот рок во екот на воениот конфликт.

„Изјавивте без срам и перде дека илинденците со оружје в рака се бореле за ние да можеме да водиме поинакви битки. Зарем ќе ја имавме државата денес ако во 2001 г. не се боревме. Тие се бореле, а вие во 2001 година одбивте да се борите. За сегашниот премиер не важел ниту еден закон кога најголем дел од граѓаните застанаа во одбрана на Куманово кое беше оставено без вода, кога кумановци застанаа во одбрана, Ковачевски бил подготвен да трпи и за леб и за вода само да не оди да ја брани државата. Приложил документ со кој потврдил дека е трајно неспособен, потоа се правдаше дека бил на школување за потоа цела македонска јавност да види дека има документ дека е трајно неспособен за служење војска. Јас не познавам држава во која на лице кое одбило да ја брани, потоа добило функција да ја води таа држава. Лице кое лажирало дека или е трајно неспоснобно не може да ја води државата такво лице не сме да има пристап до највисоките државни тајни, такво лице седи на маса со НАТО членки. Ако еднаш лажирал документ ќе лажира повторно и затоа истиот е закана за НАТО. Такво лице кое одбило да ја брани сопствената држава не смее да има пристап до буџет од пет милијарди евра. Не сме да има на располагање државен апарат војска, образование, здравство, таквите лица треба да се на друго место, а не во владата. Се наоѓаме во тешко време, земјата ја води човек кој не е легитимен и трајно неспособен“, рече Ковачки.

Премиерот, одговарајќи на прашањето и на обвинувањата од Ковачки, од говорницата порача одговорот ќе го даде до граѓаните, а не до пратеникот бидејќи во Собранието дал заклетва дека ќе ги почитува Уставот и законите.

Тој одговори дека стручни медицински лица констатирале дека поради абдоменален (во пределот на стомакот н.з.) проблем, со кој, како што рече премиерот, сè уште се соочува и не бил во можност да служи воен рок.

Ковачевски дополни дека тоа било во 2000 година, една година пред да избувне воениот конфликт.

„Лица во регрутните комисии го констатирале тој факт и тоа пред 2001 година пред да се случи кризата и конфликтот. Јасно и гласно и целосно ја соопштувам вистината не за да се објаснувам, бидејќи вистината и фактите не се објаснуваат, туку затоа што ја говорам вистината“, потенцираше Ковачевски.

Потоа премиерот го нападна Ковачки дека е дел од група од опозицијата која заедно со неговиот налогодавач има голем проблем бидејќи, како што нагласи премиерот и предизвика бурни реакции во таборот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се „крадци, криминалци, неработници, насилници и кодоши“.

Тој го обвини пратеникот Ковачки дека додека бил на служба во АРМ „кодошел, навредувал колеги и колешки и крадел информации и тргувал со странски структури“.