Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција го повика премиерот Димитар Ковачевски на дебата во врска со предлогот на опозицијата партија за надминување на енергетската и топлинска криза.
-За да нема дилеми, за да нема недоречености да го повикам првиот човек на Владата Димитар Ковачевски јавно заедно двајцата да избере медиум, ден и време кога ќе зборуваме пред македонската јавност за тоа што нудам јас, што нуди опозицијата ВМРО – ДПМНЕ, а што нуди Владата, рече тој.
Според Мицкоски сега не е време за политикантство и политики, за надмен, нервозен и емотивен однос, туку е време за одговорност, како да им помогнеме на граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање рече дека прифаќа и бара средба со Владата за неговиот предлог, но предупреди исто така дека часовите се одбројани.
-Мислам дека сум доволно прецизен и јасен. Еве барам средба ако е тоа прашањето. Ако треба да се изразам со овие зборови барам средба. Вчера истото го побарав, но за жал одговорот од таму беше сосема поинаков, рече Мицкоски.
Клучната поента од предлогот на опозициската партија, како што кажа, се дополнителни количини на електрична енергија од домашно производство добиени со користење на евтин ресурс за стопанството и економијата, да може бизнисот да се развива, а работниците да ги задржат своите работни места, и дополнителни количини на топлина, за да може скопјани и сите корисници на централното греење во главниот град да не плаќаат повисоки сметки за затоплување на нивните институции и домови.
-Заштеда од минимум 300 милиони евра, пари коишто оваа Влада ќе ги потроши во периодот којшто следи, граѓански, народни пари коишто ги нема, а ќе ги земе преку скапи кредити задолжувајќи се на домашниот и меѓународниот пазар. Понатаму, зголемување на БДП, рече Мицкоски.
Претходно на средба со новинарите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека предлага ТЕЦ Неготино да биде ставена само за потребите на бизнисот, како и дека ги нуди своите контакти со лица од компании од Швајцарија, Германија и Чешка за набавка на гас. Според него, на тој начин би се заштедиле 300 милиони евра.