Истражување: Има 98% шанси за глобална рецесија
Предупредувачките светла трепкаат во глобалната економија бидејќи високата инфлација, драстичното зголемување на каматните стапки и војната во Украина го земаат својот данок.
Моментално има 98,1 отсто шанси за глобална рецесија, според моделот на веројатност на американската истражувачка организација „Нед Дејвис Рисрч“ (НДР).
Други ситуации во кои моделот на веројатност за рецесија беше толку висок беа забележани за време на сериозен економски пад во 2020 година и за време на светската финансиска криза во 2008 и 2009 година, јавува американската ТВ станица CNN (CNN).
„Ова сугерира дека ризикот од сериозна глобална рецесија ќе продолжи да расте некое време, односно и во 2023 година“, пишуваат економистите на НДР во извештајот.
Како што централните банки ги засилуваат напорите да ја стават инфлацијата под контрола, расположението меѓу економистите и инвеститорите станува сè помрачно.
Седум од 10 економисти анкетирани од Светскиот економски форум (СЕФ) сметаат дека глобалната рецесија е барем малку веројатна, според извештајот објавен во средата. Економистите ги повлекоа своите претходни прогнози за економски раст и очекуваат платите прилагодени на инфлацијата да продолжат да паѓаат до крајот на оваа година и во следната година.
Со зголемувањето на цените на храната и енергијата, постои загриженост дека високите трошоци за живот може да доведат до граѓански немири. Седумдесет и девет отсто од економистите анкетирани од СЕФ предвидуваат дека зголемувањето на цените ќе предизвика социјални немири во земјите со ниски приходи, во споредба со 20 отсто во економиите со високи приходи.
Инвеститорите се, исто така, сè позагрижени поради тоа што Dow Jones Industrial Average падна на мечкин пазар во понеделникот за прв пат од март 2020 година.
„Нашето централно сценарио е тешко приземјување на економијата до крајот на 2023 година. Ќе бидам многу изненаден ако немаме рецесија следната година“, рече американскиот милијардер и инвеститор Стенли Диркенмилер на митингот во средата.
Дури и претставници на Федералните резерви (ФЕД) признаваат дека постои зголемен ризик од економски пад.
Сепак, постојат некои светли точки, особено во Соединетите држави, најголемата економија во светот, додаде Си-Ен-Ен, истакнувајќи дека американскиот пазар на труд останува историски силен, со стапка на невработеност близу најниското ниво од 1969 година. Американските потрошувачи продолжуваат да трошат, и корпоративните профити се солидни.
Постои надеж дека најлошата инфлација во САД во последните 40 години ќе се „олади“ во наредните месеци бидејќи понудата ќе ја достигне побарувачката.
Истражувачите на NDR велат дека додека ризиците од рецесија се зголемуваат, нивниот модел за веројатноста за рецесија во САД е „сè уште на најниско ниво на сите времиња“.
„Немаме убедливи докази дека САД во моментов се во рецесија“, напишаа истражувачите од НДР во извештајот.