ССК се противи на зголемувањето на минималната плата
Сојузот на стопански комора (ССК) е против владините најави за пораст на минималната плата на 18.000 денари по Нова Година.
Сметаат дека вештачкото зголемување ќе донесе низа негативни ефекти, меѓу кои отпуштања, раст на инфлацијата и сивата економија.
„Ако Владата е искрена во своите намери да помогне на бизнисот и граѓаните, треба да спроведе мерка со која ќе се намалат стапките на придонесите кои кај нас се на екстремно високо ниво. Кај нас ефективната стапка на придонеси на бруто плата изнесува околу 33 проценти, додека за споредба во Германија изнесува 27 проценти, Бугарија 19 проценти, Словенија 18 проценти, Хрватска 17 проценти. Оваа разлика реално е и поголема кога ќе се стави во однос со квалитетот на услугите кои се добиваат од државните фондови за пензиско и за здравствено осигурување“ рече денеска Александра Андреева, член на Управен одбор на ССК.
Оттаму објаснуваат дека повисоката минимална плата ќе им ги зголеми трошоците на фирмите. Еден вработен со плата од 18.000 денари, газдата ќе го чини речиси 27.000, со придонеси и данок на доход.
Ова значи дека уште скоро половина од платата фирмите и ја даваат на државата.