Во меѓувреме со свој план за надминување на кризата денеска излезе и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски кој ги нуди своите контакти за стопанствениците и Владата со цел да се набават поевтини енергенси за производство на домашна струја за потребите на стопанството која ќе биде најмалку двојно поевтина.
Тој по средбата со претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) рече дека доколку Владата се согласи да го стави на располагање ТЕЦ Неготино на бизнисот и неговото производство да оди во портфолиото за бизнисот, тогаш цената по мегават час со вклучени трошоци за мазут и за негова преработка во електрична енергија ќе биде под 200 евра за мегават час.
Предлогот на Мицкоски предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети. Најави дека до крајот на неделава или на почетокот на наредната недела ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи предлог закон за измена на Законот за енергетика, со кој ќе побара сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството но исто така и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени на регулиран пазар. Мицкоски вели дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе поддржат продолжување на кризната состојба со електричната и топлинската енергија.