Обвинителката Ивана Трајчева која го застапува обвинението во предметот „Софтвери“ против екс-генералниот секретар на владата, Драги Рашковски и уште двајца соработници денеска пред судот рече дека е сигурна дека сведочењето на Мухамед Зекири, кој се најде на иста позиција како и Рашковски, е потврда на обвинението.
Обвинителката Трајчева го прашуваше Зекири за системите кои ги имаше набавено Рашковски, како што е софтверот за кој вештак кажа дека не се ни вклучувал, но и за системот за биометриска идентификација во кој според Обвинителството требало да мери работно време.
„Не бев запознаен со софтверот за определување на просечна брзина и одредување на казни“ кажа Зеќири, на што обвинителката праша „дали генералниот секретар може да изрекува казни и определува просечна брзина“ и доби одговор „барем јас како што знам, тоа не го прави Владата“.
Зеќири кажа дека кога се набавува софтвер за друга институција (МВР) тогаш треба тоа да биде побарано, потоа, да се донесе одлука на Влада, па да се набави и примо-предаде.
Откако се запознавте со софтверот, дали во Генералниот секретаријат, пронајдовте одлука на Владата за набавка на овој софтвер?“, праша Трајчева, а Зеќири одговори „Јас се запознав откако се отвори случајот и од вас добивав одговори на одредени прашања. Од мојот кабинет проследуваа до службите на Владата и тоа ви беше проследено до вас како Обвинителство. Во одговорот пратен до вас, стоеше дека не постои одлука“.
Обвинителката праша „дали ви е познато дека се вршени проверки во генералниот секретаријат за ваков вид на софтвер, пред да се набави софтверот?“, a Зеќири одговори „точно не се сеќавам, мислам дека не беше“, по што посочи дека софтверот не бил ставен во функција додека бил генерален секретар.
Трајчева по судското рочиште потенцираше дека „Зекири потврди дека системот воопшто не е имплементиран“.