Екс-директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) – Горан Трајковски во денешното сведочење во судот рече дека софтверот требало да се користи за идентификација на вработените во Генералниот секретаријат, односно да се регистрира нивното доаѓање и заминување од работа, што, според него е во спротивно со праксата на ЕУ.
Екс-генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски неколкупати порача дека тој лаже, а цитираше и членови од Законот за заштита на лични податоци и тврдеше дека според нив дозволена е биометриска идентификација на вработените во областа на трудовото право
ДЗЛП пратила укажување до Генералниот секретаријат на Владата, кога на функцијата беше Рашковски, за да се внимава да не се прекрши Законот за заштита на лични податоци пред набавката на софтверот за биометриска идентификација.
Оваа набавка е дел од обвинението по кое се води судски процес каде што првообвинет е Рашковски. Тој на функцијата бил од почетокот на 2016 година до мај 2019 година, односно во периодот кога бил објавен тендер за софтверот за биометриска идентификација.
„Во редовните активности на Дирекцијата, со цел превентивно дејствување во делот на заштита на личните податоци, службите редовно ги следат сите јавни огласи и во сите каде што има акцент за личните податоци Дирекцијата издава известувања и укажувања во кои наведува органот да води посебна сметка со цел да не дојде до колизија со Законот за заштита на личните податоци” – рече Трајковски.