Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека по референдумите во источните региони на Украина, преговорите со рускиот претседател Владимир Путин повеќе нема да бидат можни.
Референдумот може да доведе до многу трагични ситуации. Луѓето кои нема да се појават на референдумот можат да останат без струја, бидејќи Русите може да им ја прекинат струјата и да им оневозможат нормален живот. Ги тераат луѓето да гласаат, ги фрлаат во зандани. Ги тераат да учествуваат на псевдореферендум, истакна Зеленски за американската мрежа Си Би Ес.
Тој додава дека многу мал број луѓе од регионите на истокот на Украина ги поддржуваат референдумите.
Сепак, гледам нови закани кога ќе завршат референдумите. Веќе се подготвени ливчињата. Руската влада може официјално да прогласи дека референдумот е завршен и да ги објави резултатите. Но, потоа ќе стане невозможно да се продолжат какви било дипломатски преговори со претседателот на Руската Федерација, а тој тоа многу добро го знае. Референдумот е многу опасен сигнал од Путин кој ни кажува дека тој не сака да ја заврши војната, нагласи Зеленски.
Проруските сили организираат референдуми за приклучување кон Русија во самопрогласените републики Доњецк и Луганск, како и во регионите Запорижје и Керсон, во периодот од 23 до 27 септември.