„Официјалната страница за МЗШВ веќе десетина дена не е во функција, а од министерството се правдаат дека се под хакерски напад без притоа да ја информираат јавноста за каков сајбер напад станува збор. Но, проблемот не завршува тука. Имено од извори во министерството дознаваме дека исчезнати се голем дел од документите од архивата која што се вод во министерството“ рече на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Трипуновски рече „според нашите информации со кои располагаме, а за кој МЗШВ крие, документите кој недостасуваат во електронска форма се податоци од фарм регистарот и сите активни регистри кој што ги води МЗШВ за откупувачи за вино,за земјоделските задруги, за органско производство,преглед на сите важечки договори за закуп на земјоделско земјиште, а нема ниту листа на должници. Исто така изгубена е целосно евидентацијата за сите постапки кои што се поврзани со закон за управна постапка и дополнително не може да се постапува и да се завршат тековните започнати управни постапки“.
„Недостасуваат и важечките договори за концесии риби и дивеч. Поради овој хакерскиот напад земјоделците не можат да извадат потврди и уверенија кои по разни основи ги бараат од министерството како релевантен документ за во министерството за труд и социјална политика. Во секторот за финансиски прашања недостасуваат документи за преглед на исплати како и доцнење при исплата на доспеани обврски, додека пак во секторот за човечки ресурси на министерството недостасуваат персоналните досиеја на вработените и целокупната документација за сите вработени во МЗШВ“ вели тој.
„Молкот од страна на првиот човек на министерството Љупчо Николовски отвора сериозен сомнеж дали се работи за хакерски напад или пак во прашање е прекривање на криминални дејствија и злоупотреби од страна на Владата на антимакедонската СДС. Николовски да не се крие позади партиските соопштенија и да излезе и да ја информира јавноста што до сега е преземено за целосно расчистување на случајот, во спротивно тој е највиновен и најодговорен, и секој кој свесно се огрешил пред законот мора да одговара“ побара Трипуновски.