„Ја известуваме македонската јавност дека двајцата пратеници на политичката партија Левица во Собранието на Република Македонија – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, нема да учествуваат на парламентарната 56-та пленарна седница, на која е планирано традиционалното годишно обраќање на претседателот на Републиката – Стево Пендаровски. Нашите народни пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на шефот на државата, кои ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери – за кои, сè почесто, во нивните јавни обраќања, стануваме „Северномакедонски пријатели“. Сметаме дека човек кој е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика и не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам, којшто го негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите пратеници и на пошироката јавност“ стои меѓудругото во соопштението на Левица.
Оттаму посочуваат дека „Пендаровски, познат по својот некреативен дрвен евро-атлантски новоговор и апологет на сервилниот и невизионерски НАТОфундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински и обединувачки „Татко на нацијата“. Како приврзок на поразената политичка философија и практика на заевизмот, како највисок стадиум на интернационалното вазалство и националното понижување на Македонците, неговото заминување од политичката сцена ќе биде катарза за нов почеток во водењето на современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски политичари“.