Министерството за здравство соопшти дека рано утрината на Клиниката за државна кардиохирургија, 46-годишен пациент со тешка срцева болест добил срце од починат донор и нова шанса за живот.
Од Министерството посочуваат дека во моментот на Клиниката за урологија се прават две трансплантации на бубрег кај млади пациенти со бубрежна слабост кои биле долги години на дијализа.
Посочуваат дека дополнително во наредните недели пациенти со коскени тумори и тешки повреди ќе имаат можност за квалитетно лекување.
Упатуваат благодарност до семејството на донорот, до, како што наведуваат, нејзините три исклучително хумани ќерки кои во моменти на најголема тага одлучија да ги донираат органите и да спасат не еден, туку неколку животи.
– Уште еднаш ни покажаа дека хуманоста и добрината се доблести кои треба да ги чуваме и негуваме.
Би сакал да се заблагодарам и на уште едно семејство на младо момче кои вчера и покрај својата голема болка исто така изразија подготвеност да ги донираат органите. Овие две смејства ја ставија емпатијата над сопствената болка и траума и благодарение на нив не еден туку неколку пациенти добија шанса за нов живот. До колегите лекари од клиниките за КАРИЛ, неврохирургија, кардиохирургија, урологија, нефрологија, кардиологија, трансфузиологија, рендген, ортопедија, како и до болничките координатори и до националниот координатор за трансплантација, кои заедно изминативе 24 часа работеа и се уште работат, им благодарам за сета пожртвуваност која ја покажаа овие два дена. На пациентите кои добија орган им посакуваме побрзо опоравување, посочуваат од Министерството за здравство.