Дебатата во Собранието за продолжување на Кризната состојба во енергетиката повторно ги скара власта и опозицијата. За власта, оваа одлука има за цел навремено обезбедување на средства за потребните суровини за производство на струја и за задржување на финансиската кондиција на државните енергетски компании.
Но, според, опозицијата, со продолжувањето на кризната состојба само се овозможува дополнително договарање во четири очи милионски зделки и злоупотреба на кризата. Крајниот рок за изгласување кризна состојба е 28 септември, за да може да стапи на сила од 1 октомври. Инаку, денешната седница започна со еден час задоцнување поради немање на кворум за работа. Според информациите, недостасувале пратеници на ДУИ, односно Изет Меџити и Мерита Коџаџику. Дополнително, недостасувале Мендух Тачи од ДПА и еден од независните пратеници. Кворум обезбедила една пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се наоѓаме во сложена ситуација затоа што нè чека тешка зима. Затоа што се работи за граѓаните, за фирмите, за стопанството. Тоа ние како пратеници сме должни и сè што е во тој интерес да го направиме побрзо“, рече Јован Митрески, СДСМ.
„Народот, домаќинствата и стопанството плаќаат многукратно повисока цена за електрична енергија. Тука не можеме да кажеме дека тоа е само заради глобални феномени, заради конфликт на глобално ниво, туку е делумно заради самите институции кои овој ризик го имаат антиципирано, а не може да го препознаат и да достават решение“, рече Бојан Стојановски ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата смета дека Владата реагира предоцна со мерките, а бара одговор за тоа колку ќе нѐ чини производството на струја во споредба со лани, за ноќните вишоци, за тоа колку залихи на јаглен и мазут имаме.
Според ресорните министри зголемувањето на цената струјата на регулираниот пазар за 650 илјади домаќинства е само 7,5 отсто, додека за 70 илјади мали стопанственици тоа е гарантирано со одлуките на Регулаторната комисија.
Власта побара да не се дискутира но да не се блокира работата на комисиите. Попладнево, продолжи расправата во матичната Комисија за одбрана и безбедност. По неа, за кризните состојби со струјата и греењето во Скопје треба да расправа и Законодавно-правната комисија, за да може наредната недела да се гласа на пленарна седница.